Подготвеност за унапредување на добрососедските односи со Грција и продлабочување на билатералната соработка, искажала заменик-министерката за надворешни работи Драгана Кипријановска на денешната средба со шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Република Македонија, амбасадорот Теохарис Лалакос.
Средбата, како што се наведува во соопштението од МНР, беше од протоколарен карактер и поминала во позитивна атмосфера.
– Од наша страна беше повторена подготвеноста на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи со Грција и продлабочување на билатералната соработка, како и унапредување на соработката на регионален и мултилатерален план. Беа разменети мислења за актуелните прашања во меѓусебните односи и за досегашната соработка меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји, како и за соработката во областите екологија, одбрана, пограничната соработка и друго. Притоа, од наша страна беше изразен интерес за интензивирање на билатералната соработка и во други области од заемен интерес, се наведува во соопштението од МНР.