Украинскиот град Луганск, кој е бастион на прорускиот бунт во источниот дел од земјата, е зафатен од жестоки судири и се наоѓа на работ на хуманитарна катастрофа, предупредија денеска градските власти.
Во градот недостасува вода за пиење, има проблем со снабдувањето на електрична енергија и нема доволно прехранбени производи.
– Она што се случува во Луганск е вистинска војна, во која загинаа над 100 мирни жители. По неколку месеци жестоки судири, градот е на прагот на хуманитарна катастрофа, се наведува во соопштението на градските власти.
Во Луганск, исто така, има прекин на телефонската мрежа и интернетот. Резервите на гориво се веќе потрошени, продавниците се затворени, работат само пекарите и месарниците, банкоматите се празни, а платите и пензиите не се исплатени веќе еден месец.
Пред почетокот на бунтот во Луганск живееја околу 500.000 граѓани.