На туристите во Украина им се нудат тури во воените зони по неверојатно високи цени.
За нешто повеќе од 60 евра, туристите добиваат пат до истокот на земјата, водич и панцир. Поскапата верзија на оваа бизарна тура чини неверојатни 500 евра и води до областите во кои во моментов има борби.
Во проспектите, туристите се предупредени на опасноста од ранувања и покрај тоа што до своите дестинации патуваат во блиндирани автомобили.
Во помалку ризичните области се вбројуваат оние во кои туристите можат да видат разурнати згради и мостови.
Рекламите за ваквите тури обично содржат во најмала рака необични фрази, како на пример: „Импресионирајте ги вашите пријатели со единствено селфи“ или „Погледајте каде се одигрува вистинска борба“.
Секоја од турите трае по два часа, а некои вклучуваат и придружба од вооружен чувар.
Неколку лица на социјалните мрежи веќе објавиле фотографии од таквите тури, а на располагање им се и „сувенири“ во вид на чаури, куршуми и делови од урнатини.