Врховната рада (Парламентот) на Украина денеска не ја прифати оставката, што минатата недела, ја поднесе премиерот Арсениј Јацењук.
За оставката на премиерот гласаа само 16 пратеници, од потребните 226, а против беа 109 пратеници.
Јацењук од парламентарната говорница кажа дека „Украина не прогласи банкрот и никогаш тоа нема да го стори“ пренесе ИТАР-ТАСС.
Претседателот на украинската Влада оставката ја поднесе на 24 јули заради распадот на владејачката коалиција и одбивањето на пратениците да ги поддржат владините предлози за закон во Парлемантот.
Според законот, оставката мора да ја потврди Парламентот, наведуваат руските медиуми.
Украинскиот претседател Петро Порошенко вчера изјави дека Владата со Јацењук на нејзино чело треба да продолжи со работа.
Претседателот на Парламентот Александар Турчинов на 24 јули го прогласи распадот на коалицијата „Европски избор“, што беше формирана по смената на власта во Украина во февруари годинава. Инцијатори беа пратеничките групи на Украинската демократска алијанса за реформи (УДАР) и Слобода.