Музичко театарскиот центар „Ајгил Иманбаева“ од Казахстан синоќа на сцената во античкиот амфитеатар во Стоби во рамките на 13-от ИФАД „Стоби“ ја изведе претставата „Медеа“ на авторот Жан Ануи, во режија на Куандик Касимов.
Со силни емоции актерите раскажаа за кризата во односите помеѓу еден маж и жена, кои без своја волја се вмешуваат и ја предвидуваат сопствената смрт.
Познатиот казахстански режисер Каундик Касимов кој оваа претстава премиерно ја постави во 2011 година и така го означи стартот на овој театар, по претставата на прес- конференицијата појасни дека за нив гостувањето во античкиот Стоби било посебно искуство.
– Се беше одлично, атмосферата, публиката, се околу нас. Бог ни помогна вечерва, се ни одеше во прилог, времето, ветерот што дуваше, се беше во наша корист и брилијантно ,потенцира Касимов.
Тој појасни дека оваа претстава која има освоено награди на фестивалите во Крим и на фестивалот „Славеј“ во Белград, претрпела неколку измени со изведбите во Украина, Србија, а изведбата во Стоби била најдобрата верзија, потенцира Касимов.
Според него, во Казахстан се посветува посебно внимание на античките текстови и многу често тие добиваат посебен третман во репертоарите ги играат Софокле, Жан Ануј, Еврипид…
Во улогата на „Медеа“ актерката Ајгил Иманбаева појасни дека е тешко да се биде Медеа, затоа направила големо истражување читајќи ги текстовите од различни автори, обидувајќи се да разбере во што е приказата и како да го претстави карактерот на Медеа.
– Казахстанскиот театар е различен од другите, големо внимание се посветува на лицето и движењата на телото и лицето и преку тоа најголем дел од емоциите се пренесуваат во театарските претстави, појасни актерката Ајгил Иманбаева.
Со настапот на Музичкиот театарски центар – Ајгил Иманбаева од Казахстан синоќа заврши натпреварувачкиот дел од ИФАД „Стоби“ во Стоби.
Вечерва жири комисијата во конкуренција на четири претстави три од Македонија и една од Казахстан ќе ги додели наградите на фестивалот, гран при за најдобра претстава, за најдобра режија и најдобра женска и машка улога.
Во чест на наградените велешкиот Народен театар „ЈХК – Џинот“ ќе ја изведе претставата „Кралот Лир“.