Крушево утре ќе биде отворен простор на кој ќе се промовираат сите можности кои градот и околните планини ги нудат за секаков тип на посета, обичен или авантуристички туризам.
Мотото на настанот ќе биде „Откриј го Крушево – природа, култура, авантиура“, а преку низа активности кои ќе траат преку целиот ден, почнувајќи од раните утрински часови, ќе се прикажат сите можности што ги нуди градот за туристите од Македонија и од странство. Настанот ќе биде збогатен и со голема забава на „Мечкин Камен“ со настап на „Љубојна“ и „Суперхикс“ и пикник со крушевска скара.
На посетителите ќе им бидат понудени пешачки патеки, јавање со коњи, прошетка низ Крушевската корија стара 300 години, дегустација на старата крушевска кујна и крушевскиот локум, посета на леарницата и старата Крушевска чаршија чии дуќани цел ден ќе бидат отворени за да можат да се видат традиционалните занаети, како и познатите везови на крушевските жени,…
Настанот ќе биде зачинет со параглајдиг од Мечкин Камен каде е организирана специјална лотарија преку која сите среќници ќе имаат можност да ја видат Пелагонија од птичја перспектива.