Меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“ вечер продолжува со премиера на претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Според директорот на фестивалот Валентин Светозарев, годинава се случи и интересна реткост, да се одиграат две претстави со ист наслов, но со различни изведби, и тоа претставува дополнителен квалитет на второто фестивалско издание.
– Претставата „Сон на летната ноќ“ пред два дена беше прекрасно изведена од актерите на Националниот театар од Тирана-Албанија, и затоа, вечер со нетрпение го очекуваме настапот на колегите од Прилеп со истата тема. „Сон на летната ноќ“ е претстава на Шекспир која најмногу се занимава со проблемот на театарот, посочи Светозарев.
Во претставата „Сон на летната ноќ“ ќе настапат Даниела Иваноска, Игор Иваноски, Игор Трпчески, Марија Спиркоска Илијеска, Катерина Чакмакоска, Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Илија Волчески, Јасмина М. Станкоски, Александар Тодески, Ирена Мирческа и Михајло Михајлоски, а гостин актер од Драмски театар е Игор Ангелов.
– Нема човек во културата, и посебно во театарот што не се радува кога ќе се формира или роди нов театарски фестивал. За нас претставува голема чест што во Битола ќе настапиме со фестивалска премиера која ја подготвувавме во изминатите два месеца за да вечер ја одиграме. Големо е задоволството што во Македонија има ваков фестивал посветен на Вилијам Шекспир и се совпаѓа со народната изрека дека секоја култура е огледало на државата, а овој настан е вистински културен репрезент, рече меѓу другото Стојан Дамчески, директор на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Второто издание на „Битола Шекспир фестивал“ кое се одржува под покровителство на Министерството за култура завршува утревечер со настап на Театар „Поколенија“ од Санкт Петербург, Русија чии актери ќе ја изведат претставата „Без Лир“ во режија на Еберхард Колнер.