Во библиотеката „Ѓура Јакшиќ“ во Петровац на Млава, Србија, од денеска до 26 јули ќе се одржат Денови на македонската култура.
Во рамки на манифестацијата, ќе биде одржана Вечер на македонската поезија и песна, при што ќе биде читана современа македонска поезија и интерпретирани најпознатите македонски народни песни.
Како што е најавено, ќе биде промовирана и книгата „Под кожа“ од писателката Даниела Миланова во издание на Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.
Авторката, која истовремено е и сликарка и уметнички фотограф, ќе се претстави и со изложба на уметнички фотографии под заеднички наслов „Родниот крај е таму каде што Ви е убаво“, со презентација на најнови уметнички фотографии од Србија и од Македонија.
Деновите на македонската култура во Петровац на Млава ќе бидат збогатени со отворање македонско одделение во библиотеката „Ѓура Јакшиќ“, при што ќе бидат врачени донации на книги од Библиотеката „Св. Климент Охридски“ од Битола, Списанието за книжевност и уметност „Сум“ од Штип и Издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.