Директорката на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“-Битола, Лабина Митевска соопшти дека годинешен добитник на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело е Крис Менџис од Англија.
– Менџис е добитник на два Оскари и наградата БАФТА. Човек кој во своето портфолио има 50-на врвни филмски наслови работени со големи режисерски имиња меѓу кои Стевен Фирс, Нил Џордан, Андреј Кончаловски и други, неколку дена ќе престојува на најстариот фестивал на директори на фотографија „Браќа Манаки“, посочи Митевска на денешната прес конференција во Битола.
Крис Менџис во Битола доаѓа на 12 септември. Во својата кариера работел со светски познатите актери Џек Николсон, Роберт Дениро, Кејт Винслент и уште многу, многу филмски ѕвезди. Добитник е на два оскари, за филмовите „Полиња на смртта“ во 1984-та и филмот „Мисија“ во 1986 година кои претставуваат ремек дела на светската кинематографија. Заради преголемите обврски, лауреатот Менџис во Македонија ќе престојува само неколку денови, односно до 18 септември, потврди Митевска.
Најновото 35-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одвива под мотото „Кон ѕвездите“ и ќе го задржи ланскиот програмски концепт за чија севкупна реализација ќе бидат вложени околу 250.000 евра, додека пак општина Битола како поддржувач на фестивалот ќе помогне со околу 5 милиони денари.
– Фестивалот е со високо реноме и е посветен на луѓето што се наоѓаат зад чудото наречено филмска камера. Магијата е во кадарот и таа магија е пренесена на овој фестивал и затоа ние како граѓани на Битола сме упорни да го задржиме фестивалот на најсивисоко ниво, доживувајќи го како голем празник на уметничкото славење, истакна битолскиот градоначалник Владимир Талески.
На денешната прес-конференција беше посочено дека од оваа година меѓународната Конференција на кинематограферите која се организира со Европската асоцијација на кинематографери ИМАГО ќе биде традиционална и ќе се одржува на ИФФК „Браќа Манаки“.