Руската Федерација треба да помогне при независната истрага на несреќата на малезискиот авион над источна Украина и исто така да го спречи движењето на оружје и милитанти во областа, изјави чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек во Брисел, пред денешната средба со колегите од Европската унија.
Според Заоралек, ако тоа не се случи „за неколку дена” треба на вонреден самит на ЕУ да се одлучи за значајни санкции насочени кон некои сектори на руската економија, јави дописникот на МИА од Прага.
Министрите на земјите на ЕУ, денеска во Брисел се среќаваат првпат откако во четвртокот се случи авионската несреќа во источна Украина, во областа контролирана од страна на про-руските сепаратисти, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.
САД и други западни земји, сметаат дека авионот со ракета го урнале про-руските сепаратисти, најверојатно со руска поддршка.
Москва негира и смета дека за тоа е одговорна украинската влада.