Обвинетите за кражбата во Музејот на Македонија денеска ќе седнат на обвинителна клупа. Со обвинението се опфатени седум лица, меѓу кои и поранешниот директор на Музејот.
Обвинителството во мај го поднесе обвинението против седуммина обвинети, кои беа дел од групата што ја уапси полицијата по неколкумесечната истрага, која почна во ноември минатата година.
Обвинение за овој случај единствено не беше поведено за поранешниот прв човек на Управата за културно наследство, Паско Кузман, кој првично беше осомничен. Од ноември осомничените се во притвор.
Според обвинението, за отуѓување културно наследство од особено значење во државна сопственост се обвинети седум лица кои подолг период селективно краделе вредни предмети од депоата на Музејот на Македонија, а потоа ги препродавале кај познат златар. За обемот на кражбата говори и фактот дека меѓу исчезнатите предмети се над 29 илјади парчиња монети од различни периоди, како и голем број други предмети од непроценлива вредност. За време на истрагата беше запечатен и охридскиот музеј.