Наводниот пресретнат телефонски разговор меѓу припадниците на проруските сили во кои станува збор за тоа како наводно го урнале малезискиот авион, а кои во четвртокот ги објави украинската безбедносна служба, е автентичен, објави денеска американската амбасада во Киев.
На оваа снимка, меѓу другото, се слуша разговорот меѓу еден руски офицер за безбедност и проруските борци, во кој тие признаваат дека го урнале малезискиот авион бидејќи погрешно мислеле оти станува збор за воено летало.
Во соопштението на американската амбасада се истакнува дека разузнавачките експерти процениле дека се работи за „автентичен разговор меѓу познати сепаратистички лидери“.
На една од снимките, еден од проруските команданти, под прекар „Мајор“, му соопштува на соборецот во неверување дека станува збор за „сто проценти цивилен авион“.