На древната сцена во античкиот амфитеатар во Стоби синоќа свечено беше отворен 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“. Присустната публика и актерите – учесници на фестивалот ги поздрави и им посака успешен настап Зоран Љутков, претседател на фестивалот, а за отворен го прогласи Славчо Чадиев градоначалник на Општина Велес.
Тој во своето обраќање потсети дека 13. пат сме сведоци на волшебното патување назад во времето преку истиот збор искажан на ова исто место пред две илјади години.
– Се менуваат актерите се менува публиката, се менуваат годините, вековите, па мислителот и неговиот збор се исти од пред 2 илјади години. Исти се и каменот и небото, привилегија е да се биде дел од ова волшебство и задоволство е да се биде домаќин на бесмртните, потенцира градоначалникот Чадиев.
Фестивалот го отвори ансамблот на Турскиот театар од Скопје со претставата „Војникот Фалбаџија“.
Атила Клинче, директор на Турскиот театар од Скопје видно задоволен од изведбата на својот театарски ансамбл, во изјавата за медиумите потсети дека лани тие исто така настапија во Стоби и тоа на затворањето на фестивалот со претставата „Шекспир во приказни“, а сега им припадна честа и да го отворат фестивалот и дека затоа се многу среќни и задоволни.
– Многу сум среќен што веќе втора година се наоѓаме во овој волшебен и древен простор кој дава инспирација на секој актер да даде се во својата изведба играјќи на оваа древна сцена. Иако имавме камерна претстава ние направивме се да ја прилагодиме на овој древен простор и успеавме во тоа, потенцира Клинче.
Фестивалот продолжува утревечер на 21-ти јули со две изведби во 20 и 22 часот на претставата „Федра“ во продукција на Независна продукција, од Република Македонија, а два дена подоцна на 23-ти јули ќе настапи Театар Комедија исто така од Македонија со претставата „Многу врева за ништо“, која премиерно беше изведена деновиве.
Единствената странска претстава е „Медеа“ на Казахтанскиот театар за танц и музика „Ајгул Иманбаева“. Актерите од Казахстан ќе настапат на 25-ти јули со што се затвора официјалниот натпреварувачки дел на 13. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.
Наградите на фестивалот гран при за најдобра престава,за најдобра режија за најдора женсла и машка улога ќе бидат доделени на 26 јули. Во чест на наградените велешкиот Народен театар ќе ја одигра претставата вон конкуренција „Кралот Лир“ во режија на Ѕвезда Ангеловска.