Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојуваше во работна посета на Штип и заедно со градоначалникот Илчо Захариев и со директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип, Зоран Читкушев, посети неколку локации каде што, со поддршка на Министерството за култура, во тек e реализацијата на повеќе проекти.
Во рамки на престојот, соопшти Министерството за култура, Канческа-Милевска ја посети куќата на старото семејство Андонови, во штипско Ново Село, каде што интензивно се одвиваат работите за санација и адаптација на објектот во кој ќе биде сместена музејска поставка на познати штипјани.
Канческа-Милевска во Ново Село посети и неколку објекти од старата македонска архитектура на кои, во согласност со проектот на Владата и на Министерството за култура, ќе биде извршена санација на фасадите. Во рамки на планираните активности, како што се наведува, наскоро ќе почнат работите за реконструкција и конзервација на фасадата на куќата на Личкови, која се наоѓа на истата улица на која е и куќата на Андови. Инаку, досега во овој крај е извршена целосна реконструкција и конзервација на четири куќи познати по својата единствена автентична стара архитектура.
Министерката за култура денеска ја посети и црквата Вознесение Христово, Св. Спас во штипско Ново Село каде што стручните екипи од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип интензивно ги спроведуваат активностите за конзервација на фрескоживописот. Заштитата на овој значаен сакрален споменик на културата е во рамки на програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура, стои во соопштението.