Аркадиј Володос, eден од најистакнатите и најпознатите пијанисти во светот, вечер ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Овој „гениј на клавијатурата“ уште од своето деби, во 1996 година, постигнува бројни успеси низ целиот свет, свирејќи во најпрестижните сали, соработувајќи со врвни оркестри и диригенти, издавајќи бројни компакт дискови. Со својата безгранична виртуозност и поетичност во изведбата Аркадиј Володос ќе не врати во времето на романтизмот, преку убавите звуци на Франц Шуберт, Јоханес Брамс и Роберт Шуман.
– Несомнено е дека Аркадиј Володос е името по кое ќе се памети 54. издание на фестивалот Охридско лето. Особено ми е драго што по неколку години договарање, конечно го имаме Маестро Володос првпат на фестивалот и во Македонија. Володос е предводник на пијанистичката елита на денешницава, а неговото доаѓање значи вистинска гордост и почестеност за фестивалот. Овој „гениј“ со своето исклучително и неверојатно изведувачко мајсторство постојано ја придобива публиката низ целиот свет. Длабоко верувам дека неговиот концерт ќе биде посебен музички настан кој несомнено ќе остави длабоки траги во сеќавањата на публиката, изјави селекторот на фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.
Аркадиј Володос настапувал во Европа, Азија и Америка, каде соработувал со најеминентните оркестри, како: Берлинската филхармонија, Израелската филхармонија, Минхенската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Њујоршката филхармонија и други предводени од реномирани диригенти, меѓу кои Зубин Мехта, Лорин Маазел, Мјунг-Ван Чунг, Џејмс Левајн и многу други.
Концертот е со почеток во 21 часот.