Руските власти демантираа денеска дека Русија ја разгледува можноста за извршување целни напади врз Украина по падот на украинската ракета во пограничната Ростовска област, кога загина еден руски цивил.
Рускиот дневник „Комерсант“ цитирајќи извор близок до Кремљ, објави дека Москва ја разгледува можноста да изврши „целни одмазнички напади“ врз Украина, каде судирите меѓу проруските и украинските сили се интензивираа во текот на викендот.
Меѓутоа портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков ги негираше овие тврдења.
– На ниту еден начин не сакам ова да го коментирам. Тоа е целосна бесмислица, рече Песков.
Според изворот, кој го пренесе „Комерсант“, Русија ги преиспитува можности да ги нападне позициите од кои е стрелана руската територија.
Еден руски граѓанин е убиен, а две лица се ранети кога врз приватна куќа во градот Доњецк во Ростовската област падна граната истрелана од украинската страна на границата. Поради овој настан Москва упати протест до Украина.
Украинските власти негираа дека ја гранатирале руската територија, а Министерството за надворешни работи на оваа земја соопшти дека украинските војници не отвориле оган врз Ростовската област.