Над 30 украински војници и граничари загинаа денеска при напад на проруските сепаратисти со ракети „Град“ врз украински контролен пункт на границата со Русија, соопшти претставник од Министерството за внатрешни работи на Украина.
Тој нагласи дека бројот на жртвите би можел да се зголеми, бидејќи при нападот се повредени неколкумина војници, од кои некои се наоѓаат во критична состојба.
Доколку се потврдат овие информации, тоа ќе биде најсмртоносниот напад на сепаратистите врз владините сили по завршувањето на примирјето на 30 јуни.
Нападот бил извршен околу пет часот утрово по локлано време врз граничниот премин Зеленополе во Луганската област.
Зарјан Шкирјак, портпарол на украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков, изјави дека одговорот на владините сили на овој „крвав терористички напад нема да задоцни“.
Во меѓу време, проруските сепаратисти соопштија дека во реонот на градот Перевалск во Луганската област во источниот дел на Украина денеска урнале украински авион.
Ваквата информација засега не е потврдена од украинска страна.