КИЦ на Република Македонија во Софија домаќин на два културни настани

Од:

Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија синоќа беше организатор и домаќин на два културни настани што се реализираа во рамки на Програмата за поддршка на проекти од национален интерес на Министерството за култура.

Програмата, како што информира денеска Министерството за култура, почна со откривање на ретроспективната ликовна изложба посветена на 50-годишниот јубилеј на Меѓународната ликовна колонија во Струмица.

На изложбата, како што се наведува, низ 30 ликовни дела беше направен пресек на најзначајните остварувања на една од најстарите и најпознати ликовни колонии кај нас. Изложбата, на која беа презентирани дела од еминентни македонски автори како Мартиноски, Перчинков, Кондовски, Пандилов, Наумовски, Темкова, ја отворија директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров и директорот на Центарот за култура „Антон Панов“ Иван Јовев.

Струмичката ликовна колонија, која своите почетоци ги има од август 1964 година, досега била домаќин на повеќе од 1.200 автори од сите светски меридијани, а поседува богат ликовен фонд кој содржи преку 2.500 дела, меѓу кои и значајни дела од класиците на македонското ликовно творештво.

Во вториот дел од програмата, со долги аплаузи и неколку биса бил награден настапот на триото хармоники „АКОРДИОМ“, во кое членуваат Зорица Кукутановска, Бојан Волчевски и Филип Стамевски.

На својот прв концерт во македонскиот културен Центар во Софија, триото се претставило со програма од Бах, Вивалди, Моцарт, Пјацола, Галијано, Дербенко, како и македонската композиторка Елизабета Илиевска-Бете, чие дело „Македонските парафрази“ наиде на особен прием кај публиката.

Триото во овој состав делува неколку години, а претходно членовите биле дел од разни камерни формации. Зорица Каракутовска, Бојан Волчевски и Филип Стамевски, освен во Македонија, имаат настапувано на концертните подиуми во Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Португалија, Луксембург, Италија. Тие се чести гости на престижните европски музички фестивали и повеќекратни лауреати на „Акордеон Арт Фестивалот“ во Италија.

Би можело да ве интересира

Во Кавадарци промовирана книгата „Татков праг“ од Данче Христова Младенова

Од 16 награди на светскиот фестивал во Јесоло -6 за Скопското училиште Кузман

Предраг Петровиќ

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура