Киев денеска ја обвини Русија за киднапирање на армискиот офицер Надежда Савченко, која била заробена од проруските сепаратисти во источна Украина, и побара таа да биде ослободена и вратена дома, објавија украинските медиуми.
Воениот пилот Савченко (33) била заробена од бунтовниците во јуни, додека се борела на страната на провладините единици крај Луганск, недалеку од границата со Русија.
Во соопштение на украинското Министерство за надворешни работи се наведува дека по нејзиното заробување таа незаконски била префрлена преку границата.
– Тоа е последниот доказ дека терористите ги планираат и извршуваат своите криминални дела во Украина во тесна соработка со разузнавачките служби на Руската Федерација, се наведува во соопштението.
Истражните органи во Русија денеска пак соопштија дека уапсиле Украинка, пилот на Военото воздухопловство, чиј хеликоптер бил соборен за време на борбите, која е обвинета за убиство на двајцата руски ТВ новинари Игор Корнелук и Антон Волошин, кои загинаа во јуни откако беа погодени од минофрлачка граната во источноукраинскиот град Луганск.
Во соопштението на рускиот Државен истражен комитет, како што јави ИТАР-ТАСС, се наведува дека пилотот Надежда Савченко е осомничена дека во својство на оператор-насочувач на хеликоптер Ми-24 за време на воените дејствија во реонот на Луганск, каде се приклучила кон провладиниот баталјон на доброволци „Ајдар“. Откако ги обезбедила координатите на местоположбата на групата руски новинари и други цивилни лица крај Луганск, таа им ги предала на своите претпоставени. Следел минофрлачки напад врз овие координати, во кои загинале двајцата руски новинари, се наведува во соопштението.
Порпаролот на рускиот државен истражен комитет Владимир Маркин за ИТАР-ТАСС денеска изјави дека Савченко била префрлена на руска територија и ставена во затвор. Тој меѓутоа не објасни како таа се нашла таму.
Според Маркин, таа самоволно ја минала границата, без документи, представувајќи се како бегалка, и била приведена до утврдување на нејзиниот идентитет. Потоа било утврдено дека таа е осомничена за убиството на руските новинари и била „задржана со стриктното почитување на руското законодавство“.
Киев, меѓутоа, инсистира на тоа дека таа била грабната од проруските бунтовници и префрлена во Русија, забележаа британските медиуми.