Во текот на изминатата ноќ, во реонот на аеродромот на Луганск, кој се наоѓа под контрола на украинските сили, имало престрелка со минофрлачи, соопшти ИТАР-ТАСС, цитирајќи ја прес-службата на самопрогласената „Луганска народна република“.
Борбени дејствија се воделе и кај населените пунктови металист, Красниј Јар, како и близу граничниот премин „Изварино“ на границата со Русија, кој го контролираат проруските сепаратисти. Се уште нема прецизна информација за жртвите.
Во центарот на Луганск денеска е отворен пункт за собирање потписи со цел да се испратат до генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун со барање „да биде запрена агресијата на Киев кон мирните жители“.
Вчера, „министерот за здравство“ на ЛНР виктор Авакјан соопшти дека во изминатото деноночие во болниците во градот, како резултат на бомбардирањето и нападите на украинските сили, биле примени најмалку 80 лица, од кои 56 биле цивили, а 24 проруски доброволци.