Во Киев на 79-годишна возраст почина митрополитот на Киев и на цела Украина Владимир, соопшти сајтот на Украинската православна црква -Московска патријаршија.
Според агенција ИТАР-ТАСС, митрополитот Владимир починал од рак во една киевска клиника.
За вршител на должноста поглавар на Украинската православна црква – Московска патријаршија е именуван митрополитот Онуфриј.
Митрополит Владимир, чие световно име е Виктор Макрианович Сабодан, е роден на 23. ноември 1935 година во украинското село Марковци. Во 1962 година ја завршил Ленинградската духовна академија и истата година го примил свештеничкиит чин.
Во 1966 година бил назначен за заменик раководител на Руската духовна мисија во Ерусалим. Истата година бил ракоположен за епископ.
Од 1973 година бил ректор на Московската семинарија. Во 1982 година е ракоположен за митрополит. Станува митрополит на Киев и на цела Украина на 27 мај 1992 година.
Тој ја предводеше црквата во Украина во еден подолг и многу сложен период – прво по распадот на СССР, потоа за време на црковниот раскол во земјата, а во последните месеци и при распламтувањето на украинската криза.