Воената база на НАТО во Кандахар денеска е нападната со ракети, поради што мораше да биде евакуиран и префрлен во бункер романскиот премиер Виктор Понта, кој е во посета на Авганистан.
Понта во Кандахар присуствуваше на церемонијата за обележување на почетокот за повлекување на романските војници од Авганистан. Со Понта во Авганистан се и министерот за одбрана Мирчеа Душа и заменик-премиерот Габриел Опреа.
Инцидентот се случил додека високите романски функционери ручале со романските војници. Понта, Опреа и Душа итно се префрлени во бункер. Премиерот и двајцата министри по десетина минути ја продолжија посетата, а во инцидентот никој не е повреден.
Понта во воената база положи венец во знак на сеќавање на 23 романски војници кои загинаа во Авганистан во изминатите 12 години.
– Ништо специјално не се случи. Жал ми е што не можев подолго да бидам со војниците. Станува збор за мал инцидент, а ние во ниту еден момент не бевме во опасност, посочи Понта.