Солун: Историја и мирис на Медитеранот на секој чекор

Од:

Како да се доживее Солун, да се почувствува, да се засака и како да му се враќаме? Нема облакодери и високи згради, но само еден поглед од височина е доволен за да се уверите дека сте гостин на еден голем град.

Јоргос Спиропулос, порано туристички водич во Солун, а сега еден од илјадниците грчки пензионери, не може да замисли ден без кафе и разговор со пријателите на плоштадот Аристотел.

– И на лето, по сонце и по дожд, кафето на Аристотел не го пропуштам, вели опуштено, длабоко наслонет во столот на своето кафуле. – Туристите најчесто грешат, бидејќи кафето го пијат околу пладне, по долгите прошетки низ продавниците, музеите, рестораните… Мој совет е да станете рано, да дојдете на плоштадот, да порачате кафе, а покрај него добивате колачи и шишенце вода и долго да гледате во хоризонтот. Ќе ве дочека мирис на колачи, ѓевреци, гиро; ќе видите забрзани Грци кои брзаат за на работа. Всушност, ќе го почувствувате мирисот на Грција и мирисот на Медитеранот и ќе го видите Солун кога се буди.

Широк, а моќен

Нашиот соговорник е стар познаник на авторот на овие редови. Пред многу години ни беше водич до Метеори, а потоа и до Хиландар. Сосема солидно зборува српски. Типичен Грк: остар, ја сака својата земја, а посебно Солун, се расправа со пријателите кој клуб е подобар: ПАОК или АЕК. Судбината, веројатно, сакаше повторно да се видиме во Солун.

– Како и на секаде во Грција, мај и тука е најубав – како да отвора книга за овој град. На сите страни цветаат лимони. Да, исто како во онаа ваша песна… Таму каде што цвета жолтиот лимон… Цветаат и маслинки и други разновидни медитерански дрвја.

Солун нагло се менува, станува се поголем?

– Не сметам на бројките колку жители навистина има во Солун. Со тоа нека се бават статистичарите, одговори отсечно. Да, навистина Солун е се поголем. За среќа во него нема облакодери и високи згради, целиот некако се шири. Кога ќе го погледнете од Панорамата, ќе видите дека тоа е моќен град.
На секој чекор тука е историја. Градителите на идното метро кога копаат подлабоко наидуваат на остатоци од римски ѕидини.

Тоа е главен град на северна Грција и целиот регион на егејска Македонија. Културен, просветен, индустриски, финансиски и административен центар на овој дел од земјата. Сите, секако знаат за солунската најдолга улица Игнација, која со векови ги поврзувала исток и запад. Се уште на глас е и престижната улица Цимски, па и улиците околу неа, бидејќи стоката во продавниците е со одличен квалитет, но и цените се високи. Всушност, постојат две големи области во градот: Ано Поли повисокиот дел од градот на стрмното подрачје и Като Поли нискиот дел од градот кој се простира кон исток се до пристаништето.

Нашите луѓе овој град го паметат и по времето кога во него се патувало во шопинг или кога по враќање од одморот задолжително се навратуваа, секако повторно за купување. Тоа беа среќни времиња на сите кои живееја во поренашната голема Југославија. Силните германски марки тогаш Србите ги оставаа во Солун, а голем број на трговци од петни жили се трудеа барем по малку да зборат српски. Тоа време одамна се пресели во споменарите.

– Оној кој има време, а пред се некој кој добро го познава Солун, треба да го посети делот од градот Епано Поли, во неговите тесни улици, со мали куќи и убави градини, уредени по источен стил кои водат до тврдината Кастра, советува нашиот соговорник. – Таму исто така има остаток од римските ѕидини. Ако зборуваме искрено, вистински начин да го доживеете овој град не е ни на плоштадите, ни во продавниците или во музеите, туку во некоја од многуте таверни, во кафулињата и рестораните долж брегот, обоени од сонцето на Медитеранот и мирисот на морето и рибата која доаѓа до пристаништето.

Секој си наоѓа забава

Ќе видите и како Грците се расправаат по партија табла или карти, но не грижете се, тоа е нивен класичен темперамент, а расправиите се пријателски. Таверни има во стариот дел од градот, но и во модерните делови на историскиот центар: во Неа Крини, Вилки, Лададика во Милос, па на плоштадот Елефтериас.

Простран е Солун. Широк и моќен. Преполн со историја и гостопримливи луѓе. Беше сечиј и ничиј, но секогаш свој. Неговите жители се горди на богатото минато, посебно на Александар Македонски кого тука уште го нарекуваат и Александар Мегалос, т.е. Александар Велики.

– Патиштата кон југот и Мала Азија со векови водат преку Солун – се потсетува Јоргос Спиропулос на времињата кога за историјата на градот им раскажувал на илјадници туристи од целиот свет. – Им зборував дека имаме 25 музеи, цркви, Ротонда… Ако сте на улицата Игнација и ако одите до крајот, само продолжете по улицата Монестри и ќе дојдете до големите шопинг центар Космос, Џамбо, Икеа…

Во Космос, како и во Икеа има брза храна во изобилие. Што се однесува до храната во Солун можете да бирате: национални специјалитети или фурни во кои се продава печено пилешко и компири или пак мали таверни каде се нуди гиро, суфлаки, мали плескавици… Тие со повеќе пари можат да одат и во некој луксузен ресторан во кој покрај морски плодови, скара и национални специјалитети, се служи добро вино, со векови неодолив елемент на античката цивилизација.

Во подножјето на Белата кула, речиси цел ден има разни настани. Има улични свирачи, кловнови, шарени балони, а најмногу туристи и локални жители кои уживаат во прошетка покрај брегот. Ќе ве поканат и на два брода ресторани кои крстосуваат низ солунскиот залив. Влезот е бесплатен, но пијалокот на бродот е задолжителен. Вреди да се качите на брод, посебно пред залезот на сонцето. Од таму од хоризонтот, Солун го добива својот сјај, убавина и сила.

Додека сонцето лесно заоѓа, додека се огласуваат бродските сирени и галеби, на брегот и во кафулињата врие од луѓе. Почнува уште една прекрасна ноќ во Солун, град кој никогаш не спие, кој сака да му се дојде на гости, да му се радувате и почесто да го посетувате.

Од некоја од многубројните улици околу плоштадот Аристотел, ветерот го носи симболот на југот: мирисот на леандрите и лимоните.

Вечерње новости – Белград

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Брод удри во гребен кај хрватски остров, мештаните ги спасуваа патниците

Предраг Петровиќ

Додик: Бараме начин момчињата од Српска да служат војска во Србија, би им дале привилегии

ВИДЕО: Додик запеа по победата на Трамп

Додик: Западот го резервира Балканот за своите цели

Сараево: Голем број граѓани на протестен марш за Палестина

Осмооделенец избоде ученичка со нож во училиште во Суботица

Предраг Петровиќ