Рано утринава истече рокот на примирјето во југоисточна Украина, што го прогласи украинскиот претседател Петро Порошенко, јави ИТАР-ТАСС.
Примирјето во Доњецката и Луганската области не ги оправда очекувањата ниту на властите во Киев, ниту на населението на овие региони, оценува руската агенција.
Во меѓу време, украински воен експерт соопшти дека четворица украински војници се убиени и петмина ранети кога проруските сепаратисти во текот на минатат ноќ нападнале воен објект во источна Украина.
Според Дмитро Тимчук, „бунтовниците поддржани од пет руски тенкови и артилериски оган“, нападнале воена база крај Краматорск.
– Владините сили возвратиле на огнот, уништувајќи еден тенк и запленувајќи уште еден, напиша Тимчук на Фејсбук. Посочувајќи ги само украинските загуби, тој не споменува дали има жртви меѓу сепаратистите.
Од нивна страна засега нема информации.
Со овој нападот уште еднаш е прекршено еднонеделно примирје. Според Киев, во текот на изминатата недела бунтовниците повеќе пати го прекршиле прекинот на огнот.
Според Тимчук, во текот на ноќта имало и други напади на сепаратистите. Во еден од нив била нападната позиција на владините сили на ридот крај Славјанск. Во нападот снајперист ранил еден украински војник. Рано утринава и база во Артомовск била гаѓана од тенк на проруските сепаратисти. Украинските сили го одбиле нападот, без да имаат жртви.