Судот во Букурешт синоќа одреди притвор од 30 дена за Мирче Басеску, братот на романскиот претседател Трајан Басеску, поради корупција.
Тој е обвинет дека примил 250.000 евра од влијателно ромско семејство, за да помогне во ослободувањето на Ангел Санду, кој е осуден поради обид за убиство.
Како што пренесуваат агенциите братот на претседателот наводно ги примил тие пари уште во февруари 2011 година, кога Санду бил во притвор, а една година подоцна бил осуден на затворска казна од седум години и шест месеци.
Семејството на обвинетиот во две рати дало 600.000 евра, за негово ослободување или намалување на казната,но Мирче од тие пари зел само 250.000 евра, а останатите 350.000 ги задржал посредникот Маријан Капацан, кому исто така му е одреден притвор од 30 дена.
Бидејќи Мирче не помогнал во ослободување, семејството на осудениот започнало да инсистира, а тој тогаш ги обвинил дека го уценуваат. Меѓутоа ромскиот клан објавил компромитирачки видео запис од разговор помеѓу синот на осудениот Санду Ангел со Мирче Басеску, од кој се гледа дека станува збор за корупција.
Снимката пред неколку дена е прикажана на телевизија и дури тогаш романската Национална Дирекција за сузбивање на корупција започна истрага и го приведе Мирче.
Романскиот премиер, Виктор Понта го повика претседателот Басеску да поднесе оставка оценувајќи дека настанот претставува „политички земјотрес“.
-Доколку ја сака Романија, Басеску треба да поднесе оставка, бидејќи тоа така се случува во демократските држави во случни ситуации, рече Понта.
Вчера се огласи и претседателот Басеску кој истакна дека не знае ништо за овој случај, ниту за тоа што правел неговиот брат и нагласи дека нема да го брани и дека ќе биде на страна на силното независно правосудство.
Е. Г.