Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески денеска учествува на Конференцијата на стратегиски воени партнери (Strategic Militars Partner), која се одржува во Софија, Бугарија.
На конференцијата учествуваат началници на генералштабовите од армиите на земјите членки на НАТО, ПзМ, Медитеранскиот дијалог, Истанбулската иницијатива за соработка, глобалните партнери, како и високи претставници на команданта структура на НАТО.
Во фокусот на конференцијата, на која вчера во Националниот историски музеј на Бугарија се обрати претседателот на Бугарија Росен Плевнелиев, се НАТО и партнерството, непредвидливите закани и актуелните жаришта кои ја загрозуваат светската безбедност, предизвиците кои претстојат и понатамошно доизградување на партнерските основи како во евро-атлантската безбедносна зона, така и пошироко на глобално ниво.
Исто така, ќе се дискутира и за зајакнатата улога на НАТО во правец на соработка на критични регионални партнери и нивниот придонес кон меѓународните операции, меѓусебната интероперативност во меѓународните операции, заедничките интереси и предизвици во одбранбената политика на НАТО и земјите партнери, како и меѓусебната соработка со цел изградба на респектабилни капацитети и способности.
На маргините од конференцијата во Софија, се очекува генералот Котески да оствари средби со повеќе негови колеги-учесници на форумот.