Непотизам и ренесанса

Од:

Веста за акредитацијата и отпочнувањето со работа на новиот Институт за семјни студии ме затекна сосема неподготвена и неинформирана, и покрај фактот што работам и опстојувам во истата, заедничка зграда со колегите од Филозофскиот институт.

По повикот, добиен од редакцијата на „Излез“, вложив интензивни (умствени) напори да се запознаам со целите и програмата на споменатиот Институт и (макар пост-фестум) да се вклучам со своите конструктивни видувања, сознанија, дополненија и предлози.

Како прво и основно, концептот за семејни студии повеќе соодветствува на традиционалистички втемелен, одошто на еманципаторски општествен систем, за каков што ние во Македонија, барем јавно и декларативно, се залагаме во текот на изминатиов и бурен период на транзиција од „едноумие“ во демократија.

Меѓу понудените предмети, наидов на еден, кој доста одблиску ја засега и мојата филолошка струка – тоа е предметот „Реторика во семејната едукација“, каде меѓу трите предложени наслови од задолжителната литература се наоѓа и книгата, со прилично збунувачки наслов „Поетика на обредното“ (В. Божиновска). Со оглед на тоа што предметните содржини за оваа наставна програма не се конкретно наведени во понудениот Предлог материјал, нам ни преостанува да погодуваме – дали, можеби, овој предмет е посветен на темелното изучување, но и делотворно практикување на традиционално потврдените и предимно семејни, реторички вештини, како што се, на пример, пцуењето, колнењето, озборувањето, баењето, гатањето, оплакувањето и слично?Дали на вежбите ќе се применуваат одредени (и кои) семејни и други обреди?

Потем, во наставниот план фигурира и предметот „Планирање на финансиите во домаќинството и семејните бизниси“ кој би можел да се дополни или пак да прерасне во нов предмет, со внесување на содржини, во дослух со современите економски трендови: „Приватизацијата како семеен феномен. Семејно лоби. Истражување на конкретни примери (студии на случај) од областа на академијата, бизнисот, политиката. Тајкунот како семејна придобивка.

Основи на семеен маркетинг – презентација на членовите на семејството по различни медиуми и позирање во текот на јавни настани, план и методологија и давање на семејно интервју- со акцент на пожелни семејни вредности, тренинг подготовка за медиумска демонстрација на семеен ентериер(и). Одржливо градење и негување на семеен гламур /евентуално, лифтинг.

Методологија на изработка на семејно стебло (по избор – лоза), гранки, фиданки, изданоци. Култ кон претците. Методологија за ископување на семејното богатство низ историјата и денес. Семејни кланови, картели и кодошења. Семејството и организираниот криминал – вовед во мафијашки студии. Местото и улогата на Кумот во семејната хиерархија. Кумот како  семејна појава.

Предметот „Еколошки аспекти на домувањето“ – би можел ефективно да се дополни, со изучување на акутно изразените состојби и проблеми во доменот на станбените политики (еко-околности) кај нас. Наместо неутралниот „еколошки“ предзнак, овој предмет може да се нарече: „ Семејното домување во периодот на Транзицијата “. Облици и видови на домување: семејства на улица, семејства под кирија, семејства под ист кров, раселени семејства, семејства со сопствен стан, семејства со хипотека (и извршител), семејства со повеќе станови и викенд куќи, рентиери, зградо-дајни семејства (кои поседуваат цели згради или станбени комплекси), неимарски семејства (семејни градежни фирми), масонски семејства.

За жал, во наставниот план воопшто не забележав еден, насушно потребен предмет, кој во духот на современите трендови, би можел да се нарече „ Менаџмент на семејни односи“, така што би ги опфатил следните коњуктурни теми и релации, како: менаџмент меѓу снаа-свекрва, меѓујатрвен менаџмент, менаџмент со братучеди од прва, втора и Х линија, менаџмент на золва/балдаска и сл., менаџмент на баби/дедовци со внуци, менаџмент со домазет, или баџанак менаџмент. Тука, сепак, ќе мора да се вброи нималку пријатниот менаџмент на девијантни појави како шо е семејниот инцест – од прв, втор и трет тип (бидејки, за жал, во останатите наставни содржини, инцестот како семејна патологија воопшто не фигурира, ниту пак е спомнат како реално постоечки, трауматизирачки чин).

Шегата настрана! Макар што е таа најсилното и најшармантно критичко оружје!

Првиот впечаток, што се стекнува од проследувањето на понудените предлог наставни планови, нималку не е прилагоден на современата реалност на современото семејство (или, попрво, семејства), ниту пак го следи чекорот со актуелната, истражувачка епистемологија. Во домашната библиотека сè уште имам еден прирачник, издаден во 1965 г. и преведен како „Домашен лекар“, од Георг Вензмер, каде што – помалку или повеќе – се зборува на сличен, по малку анахрон, и, бездруго, пропедевтички начин за основните предзнаења, неопходни на секое семејство – за здравјето, исхраната, медицината, социјалните девијации и сл.

Во нашите школски установи – за жал, сè уште никаде не се изучува предметот „Домаќинство“ – бидејќи тој, по дифолт, перфидно и премолчано, веќе е задолжителен – само за Жените! Тоа лицемерие, воопшто не треба да се запоставува, како и фактот за непостоењето на важниот предмет „Сексуално образование“ (што на децата и младите кај нас, моментално им го „предава“ семоќниот Интернет и Улицата, со сите ризици и последици од таквата транспарентност и дозволената анонимност на доброволците, вклучени во овој вид „настава“).

Ова нашево е време кога сме преплавени од сосема видливи и наметливи облици на (транзициска) малограѓанштина, од (бизарен) подем на (повампирен и од други средини увезен) семеен кич, како врв на лицемерието и фарисејството, но и показател на длабоката општествена неправда и бесрамна нееднаквост меѓу нас граѓаните.

Време, кога сме директни и лично загрозени од непотизмот, таа рак-рана, што подмолно ја нагризува и осуетува заложбата за меритократија и вреднувањето на личните заслуги, како вистинска гаранција за успешен раст и прогрес на општеството.

А токму за него, за непотизмот – не забележав ниту „Н“ во поднесениот и, веќе акредитиран, Елаборат за семејни студии!

Елизабета Шелева, универзитетски професор, литературен критичар и теоретичар

Извор: Излез

Би можело да ве интересира

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Намалена видливост поради магла од 80 до 100 метри на планинските превои Стража, Маврово, Плетвар и Ѓавато

Попов: Со новиот буџет има повеќе пари за повисок младински стандард

Алијанса за Албанците: Директорот Мемеди призна дека продолжува да го загрозува здравјето на децата во клиниката