Повеќе антибритански графити се појавија во португалското одморалиште Праја да Луш,каде британски детективи и специјализирани полициски екипи работат во обновената потрега по исчезнатото англиско девојче Маделин Мекан.
По ѕидовите и фасадите на хотелите во текот на ноќта непознати лица испишале графити на португалски јазик, нарекувајќи ги британските полицајци „глупави„ и неспособни, но и дека родителите на девојчето се виновни за нејзиното исчезнување.
Најмногу графити има во реонот на Праја да Луш каде девојчето беше на одмор со своите родители и каде исчезна. Во тој дел веќе неколку недели трае полициската потрага во која Британците, заедно со португалската полиција, бараат траги што би помогнале да се открие вистината за случајот, користејќи притоа, специјални детектори и дресирани кучиња-трагачи.
Маделин Мекан имаше безмалку четири години кога исчезна од апартманот во кој спиеше,заедно со своите помлади брат и сестра, додека нивните родители беа на вечера со пријателите, во блискиот шпански ресторан.
Родителите ја алармираа полицијата откако забележале дека во апартманот ја нема Маделин, инсистирајќи дека девојчето е киднапирано. Португалската полиција,меѓутоа, набргу ја измени својата истрага, па наместо да го бара девојчето трагаше по нејзиниот труп,сметајќи дека детето умрело откако родителите му дале преголема доза од препарат за спиње за да може да одат на вечерата.
Според полицајците кои ја воделе истрагата, родителите исмислиле киднапирање за да го покријат „своето убиство од небрежност“.
Поголемиот дел од португалската јавност ја прифати оваа верзија на случајот,а родителите на Маделин, лекари, беа официјално означени како „осомничени“, но не и обвинети.
Кога полицијата не успеа да најде никаков доказ за сомнежите за „убиство“, но и за исчезнувањето, го затвори случајот како неразрешен.
По притисок на родителите и на британската јавност, Скотланд Јард одлучи да ја обнови потрагата,прво работејќи сам, а потоа и заедно со португалската полиција, но домашната јавност повеќе не гледа со симпатии кон родителите Кејт и Гери Мекан.
Појавата на антибританските графити, како и несогласувањето со работата на британските полицајци на португалска територија, доаѓа во време кога во Лисабон трае приватното судење, во кое родителите Мекан го тужат главниот инспектор во истрагата, кој објави книга за случајот, во која ги обвинува за „лажење и за прикривање на убиство“.