Воздухопловната бригада (вбр) на АРМ денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележа 10. јуни – денот кога пред 22 години полета првиот авион на военото воздухопловство на Република Македонија.
Евроатлантските интеграции остануват висок приоритет на Владата, а долготрајниот придонес во меѓународните операции и посветеноста на одбранбените реформи се најсилната потврда за посветеноста кон тие стратегиски приоритети, нагласи во обраќањето по овој повод заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев.
– Модернизацијата на Армијата со современа воена опрема е голем предизвик за Република Македонија. Свесни за потребите за нова современа воена опрема Владата го усвои долгорочниот план за развој на одбраната на Република Македонија:2014-2023 (ДПРО), чиј дел е и Планот за модернизација и опремување на АРМ. Согласно ДПРО и одобрената финансиска конструкција од страна на Владата, буџетот за одбрана планирано е постепено до 2023 година да се зголеми до 1,60 проценти од БДП. Тоа ќе овозможи унапредување на борбената готовност на Армијата и интерперативност со вооружените сили на Алијасата, истакна Димитриев.
Благодарение на ентузијазмот, мотивираноста и високиот морал, потенцира командантот на Воздухопловна бригада, полковник Кире Колевски, денес како и пред повеќе од 2 децении, успешно се справуваме со објективните потешкотии и пречки. Тој подвлече дека е создадена Воздухопловна бригада со целосен професионален состав, димензионирана за брзо распредување, високо обучена, соодветно опремена и компатибилна со стандардите на НАТО. Оваа година првпат бригадата ќе ги добие и првите обучени пилоти од Центарот за обука на пилоти.
– ВБР е секогаш во состојба на готовност и разликата меѓу војна и мир за нас претставува само административна граница. Краен резултат мора да биде врвна обученост, извежбаност и подготвеноста на воздухопловната техника бидејќи успехот е секогаш резултат на напорна работа и посветеност, рече меѓу другото полковник Колевски, пред присутните гости, воени аташеа и припадници на АРМ.
Како што рече заменик-министерот Димитриев, се планира постоечките воздухоплови да се модернизираат со пософистицирани и технолошки понапредни варијанти, со цел да се доизградат способностите за изршување мисии дење, ноќе и во сложени метеоролошки услови на целат територија на Македонија, како и заради исполнување на НАТО стандардите. Во тек е и реализацијата на Балканската регионална иницијатива за против-воздушна одбрана која ќе овозможи развивање и поврзување на интегрираниот систем за против-воздужна и противракетна одбрана на НАТО. На овој проект ќе се работи заедно со Хрвтска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
На денешното одбележување на Денот на Воздухопловна бригада беа положени цвеќиња пред споменикот на загинатите припадници на АРМ кои при редовна ротација од мисијата АЛТЕА, го загубија животот во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце.