Припадниците на АРМ, со четата за заштита на силите од борбената група на Европската Унија (ЕУБГ 2014-2), продолжува со учество на вежбата „Брз Лав 14“ која се изведува во Кралството Белгија.
На вежбата која официјално беше отворена на 5. јуни оваа година, се работи на фиктивни сценарија за хуманитарна мисија, поддршка на раселени лица и бегалци и за пронаоѓање и постапка со лица осомничени за воени злосторства. На самиот почеток на вежбата, припадниците на 4 механизиран пешадиски баталјон, од составот на 1.механизирана пешадиска бригада на АРМ, успешно се справија со суштинските задачи од мисијата кои опфаќаат постапки со пронајдена изгубена муниција, прием и ескорт на ВИП личности, барање за средба со високи претставници и сл.
– Нашите војници високата подготвеност ја покажаа и во пронаоѓање на сомнителен предмет, за кој подоцна, во рамки на вежбата, се утврди дека е импровизирана експлозивна направа, која припадниците на белгиската армија ја уништија со употреба на експлозив, стои во денешното соопштение од МО.
Припадници на АРМ во оваа вежба учествуваат и во штабот на ЕУБГ 2014-2 чија основна задача е исполнување на листата на суштински задачи и способноста на командата на ЕУБГ да одговори на предизвиците во реонот на упатување. Во овој елемент од борбената група составен дел се и тројца штабни офицери и еден подофицер од АРМ.
Од МО сметаат дека учеството во рамки на планирачкиот процес, како и извршувањето на редовните задачи во рамки на штабот на ЕУБГ, за персоналот од АРМ претставува надоградување на веќе стекнатите знаења, а доделената доверба претставува добра можност за промовирање на интероперативноста на штабните постапки и процедури во меѓународно опкружување.
Подготовките за борбената група на Европската унија 2014-2 започнаа во 2012 година и ќе продолжат до 30 јуни 2014 година. Во ноември 2013 година беше реализирана првата голема вежба за ЕУБГ 2014-2 во Холандија на која за прв пат се формира штабот, се оценуваше соработката помеѓу различни секции и реакција на голем број на инциденти.
Борбената група која е под раководство на Кралството Белгија и под команда на полковникот Филип Буке од белгиската армија, во која учество земаат шест земји и тоа: Република Македонија, Кралството Холандија, Големото Војводство Луксембург, Кралството Шпанија, СР Германија и лидерот Кралството Белгија. Предизвик на вежбата претставува заедничката работа на припадниците на армиите од шесте различни земји со вкупен персонал од околу 2900 војници.