Полицијата на БиХ денеска уапси тројца босански Срби под обвинение дека извршиле воени злосторства врз муслимани во близина на местото каде минатата година беше откриена најголемата масовна гробница од војната во 1992-1995 година.
Босанското обвинителство соопшти дека Митар Власенко, Раде Власенко и Драго Кончар се уапсени во селото Козарац, во близина на градот Приједор, во северозападниот дел на земјата. Полицијата извршила претрес на неколку места во околината при барањето докази за злосторствата.
Тројцата осомничени се поранешни војници од армијата на босанските Срби, а се притворени поради наводно убиство на седум муслимани во реонот на Козарац во периодот меѓу мај и јуни 1992 година.
Минатата година експерти по судска медицина ексхумираа останки на 435 лица од масовна гробница во Томашица во близина на Приједор. Се претпоставува дека во гробницата има посмртни останки на околу 1.000 жртви, што ја прави најголемата масовна гробница во БиХ.