Република Македонија во целост ги поддржува напорите на НАТО за изградба на безбеден и просперитетен Авганистан, а пример за тоа е и континуираниот придонес кој го даваме во мисијата ИСАФ на Алијансата. Ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите-контрибутори во мисијата на НАТО во Авганистан со Северно-атлантскиот совет (НАК) на Алијансата, го посочи македонскиот министер за одбрана, Талат Џафери.
Пред министрите за одбрана и останатите високи претставници меѓу кои и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Кетрин Ештон, како и министерот за одбрана на Авганистан, Басмила Кан Мохамади, Џафери посочи дека во рамки на мисијата „Одлучна поддршка”, што започнува во Авганистан на 1 јануари 2015 година, Македонија е подготвена да придонесе со експерти за обука и советување во областа на воената полиција, врските и други области. Сето ова, согласно потребите на Авганистан и на мисијата, а земајќи ги предвид националните способности и капацитети.
– Република Македонија дава голем придонес во меѓународните операции на НАТО и постигнува значаен напредок во развојот на распоредливите интероперабилни одбранбени способности за придонес во меѓународните операции, посочи Џафери пред останатите министри за одбрана и Советот на Алијансата.
На овој состанок, министрите за одбрана на не-НАТО земјите разговараа и за безбедносната ситуација во Авганистан, како и за очекувањата поврзани со процесот на планирање на мисијата на Алијансата по завршувањето на ИСАФ-мисијата оваа година.
На прашање на дописникот на МИА од Брисел, дали ова е негова последна посета на НАТО и воопшто работна посета надвор од Македонија како министер за одбрана, со оглед на шпекулациите дека во новата Влада тој нема да го задржи истото место, Талат Џафери со одговор дека не е големо значењето дали е тоа негова последна посета како министер, туку дека Министерството за одбрана ги следи обврските како институција и дека единствено е познато дека “ова беше последен состанок на НАК на НАТО со земјите кои не се членки пред летните одмори”.