Економските штети од поплавите – Ние не сме свесни што не погоди

Од:

Според последните податоци кои ги објави Советот на министри на БиХ, поради поплавите околу 950.000 луѓе ги напуштиле своите домови, при што дури 1,5 милиони луѓе на некој начин се погодени од таа елементарна непогода. Странските аналитичари оценуваат дека економските загуби можат да достигнат ниво од три отсто од вкупниот БДП. Притоа предупредуваат дека покрај директните загуби посебно се опасни долгорочните економски загуби, кои како што велат се значајни колку и самата материјална штета. А тие ќе ги има во голем обем, велат експертите.

Европската банка за обнова и развој ЕБРД ги објави првите, груби, прелиминарни проценки за стопанската штета настаната поради поплавите во Босна и Херцеговина и Србија. Во Србија штетата се проценува на милијарда ипол до две милијарди евра, а во Босна и Херцеговина на околу 1,3 милијарди евра.

– Големите поплави во Србија и Босна и Херцеговина нанесоа и големи штети на стопанството, а негативно ќе влијаат и на стопанскиот раст и инфлацијата – се наведе во соопштението на ЕБРД. Двете држави ги претрпеа најлошите поплави откако се водат официјални записи за такви катастрофи. Загинаа околу 60 луѓе, а над милион се погоден од последиците од поплавите, штетите настанати на домовите, училиштата, болниците, нивите и јавната инфраструктура.

Некои региони во Босна се загрозени од мини заостанати од војната, а голем проблем се и клизиштата настанати од поплавите. Загадени се изворите на питка вода и се заканува опасност од зарази. Во образложението на ЕБРД се наведува дека најмногу настрадало стопанството, патната инфраструктура и енергетиката.

ЕБРД соопшти дека поплавите краткоротчно негативно ќе влијаат на економскиот раст и инфлацијата и на политичките приоритети на овогодишниот буџет на двете држави.

– Ниските економски прогнози за оваа година се темелат на мерките за штедење и борбата против високиот јавен долг и буџетскиот дефицит. Тоа сега може да биде одложено поради промената на краткорочните државни приоритети – наведе ЕБРД.

Да потсетиме дека оваа институција за оваа година за БиХ предвиде раст од 1,8 отсто. Поради поплавите, прогнозите сега ќе бидат ревидирани во минус.

Од друга страна, билатералната и меѓународната финансиска помош за обнова може да биде дополнителен поттик за градежништвото и сродните индустрии.

Дека состојбата е повеќе од драматична кога се во прашање буџетите, потврди и директорката на Даночната управа на РС Зора Видовиќ, која минатата недела соопшти дека поради поплавите се случи пад на приходите од 80 отсто!

Понатаму, премиерката на Владата на РС Жељка Цвијановиќ изјави за медиумите дека платите и пензиите на буџетските корисници ќе доцнат поради новонастанатата состојба.
Ни по завчерашната седница на Владата не владее оптимизам.

– Владата на Република Српска по разгледувањето на мерките за намалување на последиците од поплавите, заклучи дека втората половина на мај била многу лоша за полнење на буџетот – изјави за Радио РС министерот за финансии Зоран Тегелти.

Лоши прогнози и драматичен пад на приходите се очекуваат и во следните три месеци. Сите министерства се подготвуваат за пакет законски решенија кои оваа недела треба да бидат усвоени на седница на Владата и по итна постапка упатени во Народното Собрание на Република Српска. Владата најави и ребаланс на буџетот, со проценка дека во оваа година загубата на приходите од данокот и придонесите ќе биде најмалку 150 милиони марки, рече министерот за финансии во Владата на РС.

И Владата на Федерацијата на БиХ кон крајот на минатата недела ја разгледа состојбата по катастрофалните поплави.

Штетите кои поплавите и клизиштата ги нанесоа на патната и железничката инфраструктура се над 27 милиони евра, оцени Министерството за сообраќај и комуникации на Федерацијата БиХ.

Владата на Федерацијата разгледа и работни текстови на законот за основање на федерален фонд за помош на настраданите региони од природни несреќи на територијата на БиХ, како и на законот за финансирање за помош на отстранување на последиците од природната несреќа и обнова на подрачјата зафатени од поплавите.

Да потсетиме, Владата на Федерацијата на 21 мај во Парламентот на Ф БиХ по итна процедура упати нов предлог на ребалансот на буџетот, а во него е вградена ставка која се однесува на 10 милиони КМ за санација на штетата од поплавите и помош на загрозеното население и стопанските колективи, а што е обезбедено со заштеди на другите буџетски позиции.

Босна и Херцеговина – состојбата по катастрофата

Поплавите уништија дури 60 општини во БиХ, а првите проценки зборуваат дека има големи штети на патните комуникации и железничката инфраструктура, кои покрај приватните домаќинства најмногу настрадаа. Грубата проценка за штетата која ја подготви Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство во Владата на РС, зборува дека директните штети од поплавите на патната инфраструктура во Република Српска изнесуваат околу 80 милиони КМ, а на железницата околу 50 милиони КМ. Во Железници на Федерацијата БиХ се проценува дека штетата на пругите предизвикана од поплавите и клизиштата изнесува 8,3 милиони КМ и дека за нивна санација ќе требаат три пати повеќе средства.
Секако, се работи за први, многу груби проценки.

Економските последици од поплавите не е можно да се проценат до крај, но едно се знае – санацијата по поплавите ќе трае со децении. Странските медиуми оценуваат дека нормализацијата ќе чини милијарда евра, кои ни БиХ ни Србија која исто така е погодена од поплавите, ги немаат во овој момент.

Како што на почетокот на оваа недела најави министерот за надворешни работи на БиХ Златко Лагумџија, анализата на состојбата за направената штета од поплавите во Босна и Херцеговина ќе биде претставена на 18 јуни и таа ќе ги опфати сите сегменти во кои е направена штета, почнувајќи од станбените објекти, како и клизиштата и минските полиња. Проценка на штетата ќе се врши со помош на ЕУ, Светска банка и УНДП. Тој во изјавата за медиумите истакна дека не е реално да се очекува Меѓународната донаторска конференција за нашата земја да се одржи до крајот на јуни, но тоа ќе се случи во текот на идниот месец.

Во Босна и Херцеговина поплавата уништи региони на Посавина и Семберија, кои на извесен начин ја хранат БиХ. Аналитичарите оценуваат дека граѓаните оваа последица наскоро ќе ја почувствуваат на зелените пазари, преку цените на зеленчукот и овошјето.

– За жал, мислам дека уште не сме свесни што не погоди. Штетата навистина е голема, всушност огромна и дека ќе се мери во милијарди КМ. Освен директната штета, проблем се и долгорочните економски последици кои ќе ги трпиме поради разни причини, на пример поради кредити, уцени за меѓународна помош, престанок на работа на компании, репрограмирање на долговите на банките и слично – вели за БУКА Диздаревиќ, колумнист на магазинот Дани и весникот Ослобоѓење.

Тој вели дека директните последици од поплавите ги почувствуваа над милион луѓе кои ги напуштија своите домови, а индиректните се уште поголеми.

Тој наведе дека цената на храната прва ќе подивее на нашите пазари и во продавниците и тоа воедно е прв чекор кој државата мора да го преземе во смисла на контрола на цените и казнување на непримерно профитерство. Освен тоа ние во следниот период ќе мора да увезуваме зголемена количина на храна, што ќе се одрази и на платниот биланс на земјата, како и на неповолната надворешнотрговска размена. Комерцијалните банки во нашата земја мораат, т.е. барем би требале да овозможат мораториум на оптплатата на кредитите на настраданите компании.

Сепак, аналитичарите оценуваат дека најголемиот страв од квалитетна обнова на земјата лежи во однесувањето на домашните политичари.

– Сите се плашат дека политичарите на власт ја искористиле помошта за полнење на сопствените џебови. Медиумите известуваат дека меѓународната заедница повеќе нема да биде наивна во нашиот случај како до сега и дека нема да полета да пружи цела можна помош, со оглед дека има многу лоши искуства со украдени милијарди долари за поддршка за обновата по војната на овие простори – вели Елдар Диздаревиќ.

Во таа смисла, многумина веќе се плашат од Фондот за солидардност, кој го најави власта во Република Српска. Иако тоа сеуште не постои како официјален документ на Владата на РС, сосема е извесно дека ќе се усвои нешто слично. Според првите најави, Фондот за солидарност треба да трае 10 години и тука би се собирале пари за обнова на Република Српска. Должно е да се додаде, дека власта во РС зборува само за помош на поплавените региони на РС. Модалитетите за полнење на овој Фонд веќе се најавени, три дополнителни проценти на придонесите, најавени се и нови такси на мобилните телефони, автомобилите. Исто така се подразбира и странска помош.

Претседателот на Народното Собрание на РС Игор Радојчиќ објасни за што се работи: – Работиме на закон за Фонд за солидарност кој би бил надвор од буџетот, како главен финансиски инструмент за санација на штетата, било кон домаќинствата, било кон инфраструктурата и други субјекти. Се работи за закон за солидарен придонес кој треба да се воведе на нето платите на одреден период и да обезбеди значаен дел на пари за Фондот за солидарност. Исто така се предлага еднократна парична помош за домаќинствата. Тие кои директно се погодени кога се во прашање објекти за живеење ќе остварат право на еднократна помош со цел за санација на објектите.

– На погодените луѓе треба да им се помогне, во тоа нема дилеми – вели Елдар Диздаревиќ. – Меѓутоа, таа солидарност треба рамномерно да ги опфати сите, вклучувајќи ја и извршната и законодавната власт, па ако веќе со тоа ги оштетите работодавците, чесно би било да им ги простите даноците, придонесите и ДДВ. Значи, да помогнат и на работодавците, да го преживеат сето тоа.

Бања Лука: Почнува со работа комисијата за проценка на штетата

Градоначалникот на Бањалука Слободан Гаврановиќ рече за медиумите во Бања Лука дека почнува со работа Комисијата за проценка на штетата од елементарната непогода, чија задача е за 15 дена да изврши попис на поплавените региони на градот и со тие податоци да ја запознае централната комисија на Република Српска.

– Организиравме и помош на тимови кои на терен ќе го посетат секое домаќинство, ќе ја попишат настанатата штета и ќе ги достават податоците на централната комисија, која понатаму ќе ја проследи до надлежните републички органи – рече Гаврановиќ за новинарите во Бања Лука.

Тој потсети дека на територијата на градот Бања Лука поплавени се 2.469 домаќинства и евакуирани се 7.800 луѓе.

Бука – Сараево

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

Додик има план за мирна разделба во БиХ

Босна и Херцеговина ги укинува визите за илегалните мигранти кои доаѓаат под маската на странски работници