Џуда: Конфузија на теренот во Украина

Од:

Ставот на мнозинството Украинците е дека „не вреди да се умре“ за Украина, вели познатиот новинар Тим Џуда, поранешен дописник на „Економист“ од Балканот кој има искуство со војните во  регион, и актуелен известувач од кризата во Украина.

Џуда, кој допатува во САД да ја претстави ситуацијата во источниот дел на Украина, го опиша хаосот и конфузијата кои владеат во земјата и бесмисленоста и немањето план за акција на двете завојувани страни, како и на меѓународната заедница.

– Освојувањето на Крим беше добро организирано. За разлика од Крим, во источна Украина, во Крематорск на пример, имаше случај кога украинската армија испрати колона од пет оклопни возила, чии офицери не знаеја што да прават. Беа заробени. Бунтовниците им ги земаа возилата и ги вратија со автобус. Бев на погреб на 21-годишно момче, дете, за кое сите рекоа дека сакал да биде херој, да се бори против проруските сили. Загинал така, без врска, без никаков план кога ги нападнал. На погребот, собраните велеа дека не вреди да се умре за оваа земја, раскажа Џуда, кој ситуацијата во Украина ја објасни во универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.

Длабокото ниво на корупција, според Џуда, е главниот фактор кој две децении наназад ја поткопувал украинската држава, и поради кој луѓето не се подготвени да се борат, ниту за зачувување на независноста, ниту за спојување со Русија.

Според овој британски репортер, состојбата се влошува со доаѓањето на посериозни борбени единици, од двете страни. Од едната страна, Џуда вели дека неподготвената украинска полиција во источниот дел на земјата се повеќе им отстапува простор на армиските единици, додека од другата страна, проруските области ги бранат сили составени од искусни борци од Чеченија.

– Во меѓувреме, граѓаните не знаат кому да се приклонат, вели Џуда, додавајќи дека во Украина едноставно не постои тоа ниво на меѓуетнички или верски тензии кое го видел на Балканот.

Поделбата на проруски и проукраински области во Украина, Џуда ја спореди со разликите меѓу Црногорците и Србите, додавајќи дека „идентитетот е доволно флуиден што не е проблем локален командант да ја смени страната, како и да избие конфликт меѓу двајца команданти кои се на истата страна“.

– Во моментов не постои меѓуетнички конфликт. Двете страни сметаат дека е неопходно да се дехуманизира противникот пред да дојде до сериозен конфликт и работат на тоа. Но, многу тешко им оди. Двете страни се обидуваат преку медиумите да претстават дека противникот е црн, а тие се бели, но има премногу сиво меѓу нив. Имаше обид на бунтовниците во градовите на источна Украина да ги преземат телевизиските предаватели и да спречат емитување на украински телевизии, со цел граѓаните да можат да ги следат само руските канали. Но, набргу потоа, влегов во еден штаб на бунтовниците, и таму гледаа украинска телевизија преку кабел. Од друга страна, ми јавија дека украинското Министерство за внатрешни работи објавило дека нивните сили влегле во градот Славјанск, во време кога јас пиев еспресо на плоштадот и немаше ни трага ни глас од нив, вели Џуда, опишувајќи го аматерското ниво на пропагандната војна од двете страни.

Џуда покажа фотографија од стадионот на фудбалскиот тим „Шахтјор“ од Доњецк на денот кога најмоќниот локален олигарх Ринат Ахметов ги затворил своите фабрики за да организира масовен собир на жителите на градот против војната која постепено се подгрева во регионот. На фотографијата се гледа дека на големиот стадион се собрале неколку стотици луѓе. Медиумите под контрола на Ахметов објавиле дека имало милион граѓани, вели Џуда.

Известувачот на „Економист“ оцени дека по изборите за Европскиот парламент, на кои забележителни резултати постигнаа евроскептичните партии, јасно е дека Европската унија нема да може да испорача голем дел од ветувањата упатени кон Украина, како што се плановите за безвизен режим, економска помош и интеграција.

На прашање на дописникот на МИА, Џуда рече дека од неговите разговори со странските дипломати во Украина, има впечаток дека не се наѕира јасен план што да се прави понатаму, а не може да се процени ниту што планира рускиот претседател Владимир Путин.

– Путин постапи како склопчена змија, кога во еден потег го грабна Крим. Но, тоа не му беше ни тешко, таму веќе имаше распоредени 25.000 војници. Му се виде дека тоа помина лесно и затоа се обиде и во источна Украина. Но, таму ситуацијата е многу посложена. Има големи разлики меѓу градовите, Харков со векови е важен регионален центар, има своја елита и размислува на свој начин. Доњецк пак е град основан од велшки рудари дојдени на наоѓалиштата на јаглен, без подлабока историја и лојалност. Славјанск, пак е град на работничката класа, кој влече на своја страна. Ако Крим беше јасна и чиста ситуација, во источна Украина сега владее целосен хаос, вели Џуда.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Гранатирана е зграда на СБУ во која имало офицери на НАТО, досега се потврдени 15 починати странци

Песков: Неопходни се корекции на нуклеарната политика поради ескалацијата на тензиите

Руската воздушна одбрана синоќа уништи 125 украински беспилотни летала

Северна Кореја: Американската помош за Украина е „неверојатна грешка и луд чин“

Горан Наумовски

Блинкен: Темелно го проучуваме украинскиот план за победа и размислуваме за дополнителни активности

Шест лица загинаа во напад врз медицински центар во Суми