Ралф Мушке, шефот за безбедност на ФИФА, очекува дека на претстојното Светско првенство во фудбал ќе има обиди одредени натпревари да бидат наместени. Тој дополнил дека некои репрезентации и групи се идентификувани како „чувствителни“.
Поранешниот член на Интерпол рекол дека веќе знае кои натпревари го носат најголемиот ризик.
„Не очекуваме дека тие кои местат натпревари ќе дојдат во Бразил ќе и тропнат на вратите на играчите или судиите, но знаеме дека контакти ќе има. Не можам да ви кажам кои репрезентации ќе бидат следени со посебно внимание од наша страна, ниту кои групи ќе ги следиме, но можам да ви кажам дека најризична група е онаа во која се наоѓа Англија“, ја пренесува британскиот сервис BBC изјавата на Мушке.
Тој дополнил дека најголем ризик од местење носат натпреварите од последното коло, во фазата по групи.
Шефот за безбедност на ФИФА рекол дека на стадионите ќе има полицајци кои ќе имаат техничка опрема со чија помош ќе можат да се идентификуваат оние кои сакаат да местат натпревари.
„Добив извештаи дека на играчите ќе им бидат нудени и по 20.000 долари за да наместат натпревар. Тие доаѓаат кај играчите и судиите и им ги нудат парите, доколку овие одбијат тогаш се префрлаат на следните. Ова се случува многу често“, рекол Мушке.
Светското првенство во Бразил ќе започне на 12.јуни со натпреварот меѓу Бразил и Хрватска.