Граѓаните на БиХ, кои ги санираат штетите од катастрофалните поплави, беа предупредени да внимаваат бидејќи на површина излегуваат се повеќе мини и бомби, пишува весникот „Независне новине“.
Неексплодирани бомби се пронајдени во Приједор, Бјелина, Брчко, Шамац, Добој, Градачац, Грачаница, Завидовиќи, Тузла и други градови.
Во Добој дневно се регистрираат по 50 телефонски повици до надлежните служби за пронајдени мини, кои се појавуваат носени од водата или излегуваат на површина како резултат од лизгање на земјиштето.
Во Бјелина се пронајдени експлозивни направи на шест места во градот и приградските населби, каде пристигнале екипи за деактивирање од Пале.
Екипи на Центарот за отстранување на мини во БиХ се подготвени да интервенираат и во реонот на Брчко штом водата ќе се повлече со цел да бидат отстранети опасните средства.
– Шпекулациите дека многу луѓе нелегално чувале дома експлозивни направи, останати од војната, се потврдуваат. Се почесто бомби се појавуваат и на депониите, каде луѓето гледаат добар момент за да се ослободат од нив, изјави Есад Алетиќ од Центарот за отстранување на мини.
БиХ, Хрватска и Србија формираа заедничка екипа за да се утврди преместувањето на минските полиња, предизвикано од поплавите.