Припадници на украинската армија и вооружени проруски сепаратисти водат жестоки борби за контола над меѓународниот аеродром во источноукраинскиот град Доњецк.
Како што јави ИТАР-ТАСС, борбите се водат „речиси во текот на целиот ден“, при што проруските сепаратисти држат под контрола речиси половина од реонот на аеродромот. Во борбите нема офанзивни акции, туку тие се ограничени на позициони судири, а областа ја надлетуваат и украински воени авиони.
За разлика од реонот околу аеродромот во самиот Доњецк состојбата е мирна. Градот нормално се снабдува со електрична енергија и вода, а редовно функционираат и телефонските линии.
Во меѓу време, украинскиот премиер Арсениј Јацењук од Берлин го повика рускиот претседател Владимир Путин „да го блокира преминувањето на вооружени бунтовници“ од Русија во Украина и снадувањето на проруските сепаратисти со опрема и муниција.
– Состојбата во источниот дел се усложнува. Голем број камиони со муниција и вооружени лица обучени во Русија ја минаа руската граница и влегоа во Украина, изјави Јацењук, кој се наоѓа во посета на Германија.
Според него, доколку „руското влијание биде елиминирано“ кризата во источна Украина може многу брзо да се реши.
– Ако Русија излезе од игра, ние можеме да се справиме со состојбата за една недела, порача Јацењук.