Британската рок група Queen до крајот на годината ќе го објави новиот албум на кој се наоѓаат и необјавени снимки од 80-сетите години на минатиот век на починатиот фронтмен Фреди Меркјури, соопшти гитаристот на групата Брајан Меј.
Меркјури почина во 1991 година од запаление на белите дробови, иницирано од ХИВ од која заболе пејачот. Четири години подоцна Queen го објави албумот „Made in Heaven”, нивен последен студиски албум со Меркјури.
Меј вели дека во архивираниот материјал се пронајдени нови снимки.
„Пронајдовме неколку нови снимки, Фреди пее и ние свириме. Песните се прекрасни и луѓето ќе може да ги слушнат кон крајот на годината”, изјави 66 годишниот гитарист на Queen.
„Албумот ќе го објавиме најверојатно под името ‘Queen Forever’, станува збор за компилација и ќе ги содржи материјалите што никој на светот не ги чул. Мислам дека луѓето навистина ќе уживаат”, рече Меј, појаснувајќи дека работата на материјалот била доста емотивна.