Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров денеска, како неточни и измислени ги отфрли тврдењата на Киев дека „трупи од Чеченија“ војуваат на територијата на Украина, на страната на проруските сепаратисти.
Во посебно издадено соопштение, Кадиров вели дека Чеченија, како дел од Руската Федерација, нема своја војска за да може да испраќа свои трупи некаде во странство. Тој вели дека доколку има Чеченци кои војуваат на украиска територија, тоа го направиле по сопствен избор.
– Има три милиони Чеченци. Две третини од нив живеат надвор од Чеченската Република, а добар дел и на Западот, па властите во Грозни не може да знаат кој од нив каде се наоѓа, вели Рамзан Кадиров.
Неговата изјава доаѓа по извештаите на украинските власти за тоа дека во борбите околу аеродромот во Доњецк, на страната на сепаратистите, имало и борци од северен Кавказ и Чеченци.
Борбите за контрола на аеродромот во Доњецк беа досега најжестоки, од избувнуањето на украинската криза. Според признание на самите сепаратисти, околу стотина нивни борци загинале во борбите со прокиевските сили.
Официјална Москва побара вчера од властите во Киев да ја прекинат „офанзивата против сопствениот народ“ и го повика ОБСЕ да интервенира и да испрати своја мониторинг мисија.
Новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко, кој во текот на предизборната кампања ветуваше дека првата работа како шеф на државата ќе му биде да го посети истокот на Украина, сега тврди дека борбите против „терористите“ ќе продолжат се додека тие не бидат совладани.