Порталот „hewsweb“, кој води статистика за поплавите ширум светот, тврди дека во последниот месец се случија пет катастрофални поплави, а дека од почеток на годината тој број е 28.
Во Европа, подрачјето на Балканот моментално е еден од најзагрозените региони. Иако водената стихија која што ги зафати Србија, БиХ, Хрватска помина, останаа последиците кои секоја од државите долго време ќе мора да ги санира.
Сепак доколку малку подлабоко се „прочешла“ низ историјата видливо е дека водените стихии низ вековите однеле милиони животи. Ова се најтешките поплави на Стариот континент.
Холандија најмногу настрадала
Низ историјата на Стариот континент се забележани повеќе разорни поплави, кои однеле стотици илјади животи. Држава во Европа, која што во историјата најмногу настрадала поради поплавите е Холандија. Неа со векови ја погодуваат природни катастрофи, а една од најтешките се случила во 1530 година, кога водена стихија убила повеќе од 100.000 лица.
Холандија и пред таа катастрофи, ја погаѓале други, како што е онаа од 1212, кога загинале 60.000 лица, па 1219 година со 36.000 жртви, додека во поплавите од 1287 година настрадале помеѓу 50.000 и 80.000 лица.
Последната голема поплава се случи во 1953 година, кога силна бура урна неколку насипи на југозападот на државата и кога загинаа повеќе од 1.800 лица. Холандската влада тогаш одлучи да започне проект насловен „Делта проект“ со кој требаше да го заштити брегот од идни поплави. За завршување на проектот беа потребни повеќе од 30 години, но денес тој е од непроценлива важност.
Што се однесува до други делови на Европа, забележани се поплави во Англија и Велс во 1607 година, кога загинале 2.000 лица.
Страшна поплава се случи и во Португалија во 2010 година, поточно на островот Мадеира, кога животот го загубија 50 лица, а штетата беше проценета на повеќе од милијарда евра.
Исто така Русија во 2012 година, претрпе голема штета во областа Краснодар. Во тој дел на југозапад на Русија, особено на Кримск, во близина на Црното море загинаа 172 лица, а околу 35.000 беа евакуирани.
Е. Г.