Програмата на тринаесеттото издание на OFF-Fest е распоредена во пет музички разновидни фестивалски вечери, во кои ќе настапат исклучителни состави од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.
Годинешното издание на OFF-Fest, што ќе се одржи од 30 мај до 5 јуни, а ќе стартува со настапот на големиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолината Felix Lajko во тандем со неговиот колега и постојан соработник Antal Brasnyo.
На 1 јуни скопската публика ќе има прилика првпат да ја почувствува во живо магијата на музиката на Етиопија, претставена од таткото на етио-џезот, легендарниот Mulatu Astatke, а истата вечер ќе настапи и македонскиот лајв бенд Фолтин, со неколку специјални гости-музичари од странство: Васко Атанасовски и Марјан Станич од Словенија и Наталио Суед од Холандија. Проектот е резултат на соработката на три сродни интернационални музички фестивали: „Druga Godba“ од Словенија, „Music Meeting“ од Холандија и OFF-Fest од Скопје.
Музиката на Конго, највозбудливата африканска сцена во моментов, ќе биде претставена на 3 јуни преку харизматичниот Jupiter и неговиот бенд Оkwess International.
Претпоследната вечер на OFF-Fest (4 јуни), e резервирана за популарниот словенечки пејач и кант-автор Зоран Предин, придружен од извонредниот хрватски џипси-свинг состав Damir Kukuruzovic Django group, како и за маестралните јужнокореански инструменталисти и модерни традиционалисти Geomungo Factory.
OFF-Fest 2014 ќе финишира на 5 јуни, со настап на најголемата нова ѕвезда на португалското фадо Carmino, како и со концертот на свежата фламенко атракција од Шпанија, инспиративниот женски квартет Las Migas.
Во рамките на OFF-Fest, ќе биде прикажан и документарниот филм „Jupiters’s dance“, фасцинантна приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку едно неверојатно патување низ гетата на Киншаса.
Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет, кино Фросина и клубот „Станица 26“.
А.Б.