Највисоките официјални претставници на ЕУ денеска му ја честитаа победата на Петро Порошенко на изборите за претседател на Украина.
– Го поздравуваме одржувањето на изборите и се радуваме што со новиот претседател заедно ќе работиме за да обезбедиме политичка и економска стабилизација на Украина, се наведува во заедничкото соопштение на претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј и на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Двајцата дипломати истакнуваат дека успешно одржаните избори претставуваат важен чекор во деескалирање на кризата и ги повикаа сите Украинци да ги признаат резултатите од изборите и да ја искористат можноста за нов почеток.
Кон честитиките се придружи и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, кој укажа дека новиот украински претседател ќе се соочи со тешки предизвици.