Во Домот на културата во Кромериж, источниот дел на Чешка, на 30-ти овој месец ќе се одржи 2. Фестивал ,,Денови на словенската култура”, кој ќе биде отворен со настапот на македонската етно музичка група „Баклава”, најавуваат чешките медиуми.
Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, годинава, Фестивалот чија цел е да се создаде платформа за природна презентација и соработка на словенските земји ќе ги претстави македонската и руската култура.
Покрај првиот чешки концерт на светски познатата група, која ја негува традиционалната изворна песна, со учество на повеќе истакнати гости, предводени од македонскиот амбасадор во Чешка, Паскал Стојчески ќе се одржат и две престижни изложби на македонската Галерија Остен и на рускиот карикатурист Федор Вик, пишува весникот ,,Парламентни листи”.
Местото Кромериж е одбрано поради неговата историска улога како природен центар на културата и образованието и спојувањето со ,,кирилометодиевската” традиција односно канонизираниот Православен епископ свети Горазд Втори (Матеј Павлик).
Минатата година, „Деновите на словенската култура”, кои беа во знакот на одбележувањето на 1.150 годишнината од доаѓањето на Сетите Кирил и Методиј во Голема Моравија ги поставија темелите за почнување на нова успешна фестивалска традиција.
Презентацијата на македонската култура се одвива во годината кога се одбележува 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Чешката Република, по кој повод изминатите неколку месеци се одржаа многубројни културни настани и активности во двете земји.
На отворањето, посетителите ќе имаат можност да дегустираат вино од македонската винарија „Стоби”.