Доделени наградите од конкурсот „Напиши писмо со ракопис на срцето“

Од:

Агенцијата за пошти денеска ги додели наградите од конкурсот за најдобро писмо „Напиши писмо со ракопис на срцето“ на слободна тема, кој го распиша во февруари. На конкурсот пристигнале 725 писма, од кои наградени со паричен износ се по тројца автори на писма во три категории, а беа доделени и пофалници за 26 учесници на конкурсот.

Првата награда во категоријата за деца до 12 години ја доби Мартина Муневска од Скопје, втората награда Моника Јанческа од село Мешеишта, Охрид, и третата Сања Георгиева од Штип.

Во категоријата за млади до 18 години првонаграден е Анастас Димоски од Крушево, втората награда ја доби Кристијан Каранфиловски од Гевгелија и третата награда за Султана Јовановска од село Штука, Струмица.

Во категоријата за возрасни над 18 години, првата награда ја доби Марија Андонова од Скопје, втората Александар Димитров од Кочани и третата Ана Тодоровска од Скопје.

За изборот на деветте најдобри писма одлучи жири составено од писателите и публицисти Венко Андоновски, Бранко Цветкоски, Братислав Димитровски, Стојан Тарапуза, Марија Таушанска, Џабир Ахемти и Горјан Петревски. Наградите им беа врачени во дворот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски рече дека е задоволен од големиот одѕив на првиот конкурс за најдобро писмо зашто ја исполнил својата цел – да се обнови традицијата на пишување писма која е засенета од компјутерските тастатури, да се стимулира креативниот однос кон интимната димензија на писмата и афирмирање на јазичната и писмената култура.

– Во време на современа комуникација и користење на електронски медиуми, особено е тешко да се поттикне искажувањето на мислата преку ракопис. Меѓутоа, беше голем предизвикот да се прифати ваквата задача и тоа задоволство што го чувствувам е предизвикано од две работи – прво, обемот на добиени ракописи беше исклучително изненадување за мене и е поттик овој конкурс да премине во традиција, и второ, оценката на жирито дека имале тешка задача да се одлучат за најдобрите ракописи токму поради високиот квалитет, рече Атанасовски.

Би можело да ве интересира

Доаѓа документарен филм за Елтон Џон: „Приказната што досега не била раскажана“

Предраг Петровиќ

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ