Утре, 23.мај во МКЦ Скопје ќе се одржи четвртото издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“.
Ѕвезда на годинашниов фестивал е американскиот грув-колектив „!!!“, чие име се чита „Чк чк чк“. Групата првпат настапува во Македонија, а нејзиното најново остварување, Thr!!!er, издадено минатата година, беше прогласено за албум на годината на скопското музичко радио „Kанал 103“.
Бендот е формиран во 1996 година во Сакраменто, Kалифорнија, како фузија помеѓу локалните состави „Блек ликорис“, „Поупсмешерс“ и „Ја мос“.
По заедничката успешна турнеја, овие три екипи одлучиле да го спојат диско-фанкот со ангажираните звуци, а името на бендот е инспирирано од титловите во филмот „Боговите паѓаат на теме“, во кој „говорот“ на Бушманите било означено со интерпункцискиот знак „!“.
Оваа година фестивалската бина ќе биде поставена на самата улица (коцката на “Кеј Димитар Влахов”) и улицата од потегот после мостот Мајка Тереза, до МТВ ќе биде затворена за сообраќај од денеска (четврток 22.мај) од 17:00 до сабота, 24.мај до 06:00.
Организаторите препорачуваат:
-Доколку доаѓате со автомобил, (ве охрабруваме да ги оставите автомобилите дома и да дојдете пеш, со јавен превоз, такси…). Автомобилите паркирајте ги на паркингот кај МТВ, катната гаража кај судовите или на паркингот кај Холидеј Ин.
Вратите се отвораат во 19:00, а програмата започнува во 19:30.
Распоредот на настапи е следен:
19:30 Equinox
20:00 TRUS!
20:45 Фонија
21:35 The Soft Moon
22:40 Disciplin A Kitschme
00:00 ChkChkChk
Бифе МКЦ 01:30 kleemar
Визуелниот идентитет на фестивалот ќе го обликуваат VJ Alerta (Холандија/Чиле) и VJ Vidbeat (Турција)
На Dance натпреварот, водител на програмата ќе биде Да Џака Накот, музика ќе селектира DJ Гоце. Свој настап ќе имаат и судиите во натпреварот Yanitza Stankeva и Ekzarka Sleepwaligz од Бугарија. Натпреварот ќе се одвива во паузите помеѓу бендовите, а победникот ќе добие фестиваски Skopje Fixie велосипед.
Свој промотивен штанд на Здраво млади! ќе има и големиот Сигет фестивал од Будимпешта, Унгарија
Билети за фестивалот има во продажба, цена на билет чини 600 денари и може да се набават во Југотон, 1/2 Југотон и на билетара на МКЦ (само на билетара на МКЦ можете да купите „другарски билет“ 4+1 гратис)
– Најверојатно не треба да напомнуваме, но ајде за тие што досега не биле на „Здраво млади!“, дека се доаѓа со насмевка на лицето, добро расположение и отворено срце и уши, велат организаторите на фестивалот
А.Б.