Котески: АРМ со помал број на војници во идната мисија во Авганистан

Од:

Република Македонија ќе биде преставена со помал број на војници во идната мисија на меѓународните сили во Авганистан, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова на денешниот состанок на Воениот комитет на НАТО во Брисел го соопшти началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески. А, како што претходно изјави за МИА, главни теми на денешните мултилатерлани и билатерални состаноци во седиштето на Алијансата биле продолжувањето на македонската партиципација во пост-ИСАФ мисијата во Авганистан, наречена „Одлучна поддршка“, како и учеството во борбените групи на безбедносните сили на Европската унија, како и во организација на специјални оперативни единици за реакција при кризи во рамки на Балканот.

– Денешниот состанок на Воениот комитет на НАТО беше посветен на ситуацијата во Авганистан и на позицијата на Република Македонија во однос на ИСАФ-мисијата и нашиот придонес во истата и придонесот на остнаатите колаициски партнери. Во однос на прашањето за натамошното учество во Авганистан, позната е македонската позиција дека АРМ ќе продолжи во мисијата „Одлучна поддршка“ која започнува на 1 јануари 2015 година. ГШ на АРМ е во завршна фаза со оперативниот план за повлекување на нашата единица во Авганистан и на техниката. Но, исто така ги разгледуваме и можностите за натамошно учество на мисијата во Авганистан во однос на партнерите и бројот на сили што ќе учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“, истакна Котески по денешниот состанок.

Според првиот човек на македонската армија, генерално земено, бројот на сили во Авганистан на АРМ ќе се намали во идниот период. Тој вели дека АРМ ќе биде претставена со помало учество од сегашните 153 војници по контингент, но и дека ќе се настојува врз база на националните интереси и врз база на капацитетите на АРМ, да се учествува со повеќе нации на различни места и со тоа да се дадеме македонскиот придонес.

– Во бројки, се уште не можеме да дадеме точен податок колку македонски војници ќе бидат присутни во Авганистан по крајот на 2014 година од причина што се уште не е регулирана и правната рамка во однос на идната мисија, со оглед на тоа што партнерите треба да потпишат одредени договори, додава генерал-потполковник Котески.

Началникот на ГШ на АРМ истакна дека во рамки на овој состанок, тој имал можност со колегите од борбената група на Европската унија, конкретно Германија, Холандија и Белгија, со кои единиците на АРМ се составен дел на групата, да разговараат за придонесот на нашите војници, подготовките и евентуалното ангажирање на оваа борбена група во рамки на Унијата.

– Имавме разговор и со колегите од регионот, имајќи ги предвид последните случувања во однос на поплавите во соседните земји, па се договоривме да излеземе со заедничка иницијатива за формирање заеднички сили што би биле употребувани во одредени вонредни прилики и секогаш да се водиме од тоа да не разговараме и да не трошиме повеќе време за проблемите, туку за решенијата во одредени ситуации, заклучува Котески на крајот од изјавата за МИА.

Денешните состаноци на Началникот на ГШ на АРМ во седиштето на НАТО, дојдоа само еден ден пред утрешната посета на Република Македонија на генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен. Според денешното соопштение на НАТО, Расмусен утре ќе има работна посета на Скопје, каде се предвидени средби со претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, со министрите за надворешни работи и за одбрана, Никола Попоски, односно Талат Џафери, како и со претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната