Индиската компанија „Сахара Груп“ го понуди за продавање својот имот во странство, меѓу кои се наоѓаат и двата најпрестижни хотели што ги поседува компанијата, лондонскиот „Гровенор“ и хотелот „Плаза“ во Њујорк.
Според лондонските медиуми, со продажбата на недвижниот имот, компанијата настојува да обезбеди пари за ослободување на основачот на „Сахара Груп“ и претседател на Управниот одбор, Субрата Рој, кој се наоѓа во притвор.
Врховниот суд на Индија, кој наложи апсење на Рој, побара исплата на депозит од 300 милијарди индиски рупии, или околу 1,7 милијарда американски долари, за да дозволи пуштање од притвор на сопственикот на компанијата.
Индискиот бизнисмен, чија компанија има разгранета мрежа на компании и фирми во разни сектори и поседува имот во разни делови од светот, во февруари оваа година беше уапсен од полицијата, а од март тој беше ставен во притвор, откако не можеше да ги обезбеди потребните средства.
Апсењето уследи по неуспехот да се разреши долгогодишниот спор меѓу компанијата и големиот број мали акционери на „Сахара Груп“. Околу 22 милиони вакви акционери, ги тужеа Рој и компанијата, за „измама“ обвинувајќи ги за неплаќање на акциите кои им следуваат.
Судот во Њу Делхи пресуди во полза на акционерите и наложи од фондовите на „Сахара Груп“ да им се рефундираат 3,9 милијарди долари, колку што изнесува вкупниот долг кон сите мали акционери.
По низа неуспешни обиди на акционерите да дојдат до своите средства, како и по неуспешните обиди сопственикот на компанијата да се појави на судското рочиште, Врховниот суд издаде потерница за Рој, кого го обвини дека не ги почитува судските налози и одбива да ја изврши пресудата.
Лондонските медиуми пишуваат дека „Сахара Груп“ и порано и сега тврди дека обврските на компанијата кон акционерите се многу помали од изност што беше предмет на долгиот судски спор.