Повеќе од 16 часа родители и блиски роднини на приведените од вчерашните протести во Ѓорче Петров седат пред полициската станица „Пролет“ очекувајќи информација за нивните најблиски. Како што раскажуваат тие, досега никој од полицијата не излегол да им каже што се случува и до кога ќе бидат задржани.
За родителите, кои изминатата ноќ ја преседоа пред полицикста станица, нивните деца се собрани од улица и воопшто не правеле проблеми, а оние што дивееле во Ѓорче Петров се наоѓаат дома.
– Полицијата вчера уапси невини луѓе без никаков основ. Дел од нив се враќале од тренинг, поминувајќи по улиците во населбата каде што живеат. Тие биле запрени од полицијата и приведени во полициска станица, каде се држат повеќе од половина ден. Ние немаме информација за што приведените луѓе се товарат – изјави роднина на еден од приведените.
– Не може мојот син ми што има завршено безбедност, притоа и е спортист, да биде хулиган. Тој нема ништо направено – изјави родител.
Граѓаните апелираат до институциите да ги ослободат невините од притвор и системски да се решаваат проблемите.
Петар Клинчарски