Центарот за отстранување мини во Босна и Херцеговина предупреди дека поплавите ги придвижиле мините и предупредувачките знаци во опасните реони.
Во Приедор по повлекувањето на водата во двор на семејна куќа се појавил фрижидер полн со бомби.
Според центарот најзагрозени подрачја од мини се Тузланскиот кантон, регионот на Добој, Маглај, Олов, Унско санскиот регион и Босанска Посавина, кои се најсилно погодени од поплавите.
Штабот за цивилна заштита на Тузланскиот кантон упати апел до сите граѓани вклучени во механичко чистење на наносите и лизгањето на земјиштето да посветат поголемо внимание на евентуална појава на неактивирани мини. Тоа особено се однесува на регионот во близина на поранешните линии на разграничување.
Опасност од мини во голем дел постои по течението на реките Босна, Спрече, Усор и Кривје.