Ден на жалост во БиХ

Од:

Во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост поради катастрофалните поплави кои, според досегашните податоци, однесоа повеќе од 20 човечки животи.

Одлуката за прогласување Ден на жалост ја донесоа владите на Федерацијата БиХ и на Република Српска.

Ден на жалост се одбележува со задолжително истакнување на знамето на БиХ на половина копје на зградите на државните институции.

На Ден на жалост не може да се одржуваат програми од културно-забавен карактер на јавни места, а медиумите треба да ги прилагодат и усогласат своите содржини.

Во Федерацијата БиХ настрадаа најмалку седум лица, додека во Република Српска досега се регистрирани 17 жртви од поплавите.

Во меѓувреме, Ветеринарниот факултет во Сараево формира кризен штаб и активира своја ветеринарна служба, која дејствува во состав на Федералната управа за цивилна заштита, имајќи предвид дека на населението од поплавените подрачја им се заканува зараза.

Веќе од утре експертски тим на Ветеринарниот факултет, составен од патолози, микробиолози, инфектолози, вирусолози и епидемиолози ќе ги посетуваат загрозените подрачја, ќе извршат увид во состојбата на теренот и ќе предложат конкретни мерки.

Деканот на Ветеринарниот факултет, Нихад Фејзиќ прецизира дека првата мерка се однесува на лешевите од животните кои мораат да бидат прописно отстранети и ставени во јами. Според него, лабораторијата на факултетот се подготвува да ги изврши сите видови на истражувања кои се потребни во ваква ситуација.

Од болестите кои му се закануваат на населението, но и на животните, Фејзиќ го издвојува антраксот, потоа предупредува и на ризици од стомачни инфекции.

– Драстичното зголемување на температурите е поволно за болестите кои ги пренесуваат инсектите, меѓу другите и вирусот „Западен Нил“, смета Фејзиќ. 

Би можело да ве интересира

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница

(ВИДЕО) Во Босна и Херцеговина падна првиот снег

Горан Наумовски

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина: „Ме лансираше од кревет, се се тресеше“

Горан Наумовски

Додик има план за мирна разделба во БиХ

Босна и Херцеговина ги укинува визите за илегалните мигранти кои доаѓаат под маската на странски работници